Женската сениорска селекција на Македонија со пораз ги стартуваше квалификациите за Евробаскетот кој се игра во 2025 година. Македонија имаше повеќе од три сосема коректни четвртини на гостувањето во Матошинос, но на крајот Португалија ја оправда улогата на подобро рангирана селекција.
Дури и превисоки се оние крајни (65:52) за домашната селекција, пред се затоа што нашите кошаркарки во ниту еден момент не покажаа доза на инфериорност. Напротив, успеаја во обидите да се вратат по двоцифрената негатива. Дури и да преминат во водство. Но после се, Португалија се покажа како селекција која знае да ги користи своите предности.
Селекторот Александар Ашаданов ги сумира впечатоците по оние 40 одиграни минути на сениорките во Матошинос.
„Најпрво честитки за победата на Португалија, секоја пофалба и за девојките кои дадоа максимум на теренот. Интересен, но во исто време и доста исцрпувачки натпревар. Иако домаќинот отиде на паузата со предност од седум поени, девојките не се откажаа одиграа одлична трета четвртина каде во добар дел од неа и имавме водство. Покажаа карактер, но очигледно е дека за комплетен успех недостасува уште нешто“ – вели Ашаданов по поразот на почетокот од квалификациите за ЕП 2025.
Две основни причини апострофира младиот стручњак за овој стартен пораз. Пократкиот избор на играчи на надворешните позиции, и недоволна „висина“ во рекетот, особено оној кој го браниме во текот на играта.
„Малата, односно кратка ротација на бековските позиции и доминацијата во офанзивниот скок, на крајот му донесоа победа на противникот. Самокритични сме и знаеме дека натпреварите се играат за да се победуваат. Наше е да сумираме и да пробаме да ги решиме недостатоците во играта. Знаеме кои се тие, ќе се обидеме да ги сведеме на што пониски бројки во натпреварите кои што следуваат“ – додава селекторот.
Извесно е дека и на овој премиерен меч во новиот квалификациски циклус, не бевме комплетни. На оваа средба, селекторот Ашаданов не можеше да смета на искусната Александра Стојановска.
„Евидентно, во една ваква ситуација, извесно, нам ни треба секој играч, особено каков што е Александра Стојановска. Во Матошинос ја имавме Нена Трајчевска, и таа не е целосно фит, но уште еднаш покажа каков професионалец е. Даде се до себе, им покажа и на другите како се игра за репрезентативниот дрес. Во овој момент тоа е нашиот максимум. Се надевам дека на наредниот меч, на домашен терен, против Србија, ќе играме уште подобро“ – заклучува Ашаданов.
Следниот меч за нашата најдобра женска селекција е на 12. ноември (недела), против репрезентацијата на Србија. Натпреварот е закажан за 18.часот, ќе се игра во салата ана СРЦ „Кале“ во Скопје, а влезот е слободен
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА