Стефан Ашковски игра одлична сезона во дресот на холандскиот второлигаш Фортуна Ситард кој силно граби кон место во најсилната холандска лига.
Фортуна е лидер во Втората лига на Холандија, со и тоа како сериозни шанси за директен пласман во Првата лига од следната сезона. Сето тоа со добар допринос и на 26-годишниот Ашковски кој иако настапува на крилната позиција сезонава со 12 постигнати гола е втор стрелец во својот тим, зад Португалецот Лисандро Семедо кој има 14 погодоци.
„На добар пат сме да ја зачуваме лидерската позиција која не води во најсилната лига. Секако силно посакувам настап од следната сезона во Првата лига на Холандија. Добро се снајдов во Фортуна, клуб кој повторно го врати фудбалскиот живот во мене“ – вели Ашковски, притоа потенцирајќи дека со настапите во најсилната лига на Холандија од следната сезона верува дека повторно би можел да се избори за повик и во националниот тим.
Ашковски има три настапи за македонската репрезентација за време на селекторувањето на Бошко Ѓуровски и Љубинко Друловиќ, во период по кој промени неколку клубови низ Европа. Но, поранешниот фудбалер на белградски Партизан, турски Кајсери и тетовска Шкендија сега и тоа како го пронајде своето место во Фортуна Ситард.
„Желба ми е повторно да се изборам и за враќање во националниот тим. Секако, фокусиран сум на моите игри во клубот. Не чекаат тешки натпревари до крајот на сезонава низ кои ќе мора да се избориме за зачувување на првото место“ – вели Ашковски кого вечерва го чека гостувањето против Го Ахед Иглс во 34. коло од Втората лига на Холандија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА