Асовите на Милан се бесни на Консеисао, еден веќе си ги спакува куферите

Кратко траеше периодот во кој Серџо Консеисао важеше за херој на Милан, откако португалскиот стратег дебитираше со трофеј во Супер-купот на Италија, но затоа „росонерите“ во продолжението на сезоната бележат променливи резултати под негово водство.

Португалецот на речиси секоја прес-конференција отворено говори како очекува многу повеќе од своите фудбалери, префрлајќи ја вината за слабите резултати врз самите играчи. Голем дел од клучните фудбалери се разочарани од ваквиот однос на Португалецот, уште повеќе од тренинг методите и тензијата што новиот тренер ја внесува речиси секојдневно во таборот на „росонерите“.

Како што пишуваат „Тутоспорт“ и „Република“, токму односот на Консеисао бил главната причина поради која Алваро Мората инсистирал на јануарски трансфер, по што му било дозволено да се пресели во Галатасарај.

Шпанскиот напаѓач не е единствен со ваков став, во клинч со новиот тренер се и Пулишиќ, Тео Хернанадез и Рафаел Леао, додека еден од капитените на тимот, Давиде Калабрија, влезе во отворен конфликт со тренерот за време на еден од последните мечеви во Калчо-лигата.

Консеисао потпиша договор до јуни 2026 година, но со опција Милан да ја прекине соработката на крајот од оваа сезона. Доколку конфликтите во тимот продолжат, а резултатите не се подобрат драматично, огромни се шансите дека Португалецот експресно ќе се спакува и ќе си замине од „Сан Сиро“.

Се вчитува...