Асвел го шокираше Партизан среде Белград, Париз немоќен без Шортс

Серијата од пет победи на Партизан во Евролигата неочекувано беше прекината вечерва, на домашниот дуел против Асвел на кој белградските „црно-бели“ важеа за огромни фаворити. Сепак, гостите од Франција предводени од искусниот Нандо де Коло одиграа импресивно во второто полувреме, на крајот триумфирајќи со 79-82.

Вашингтон постигна 14 поени во втората четвртина и го донесе Партизан во водство, но Асвел одговори со шутерско шоу и дури осум погодени тројки во третиот период. Французите потоа се одлепија резултатски во финишот, Партизан стигна до „минус два“ и имаше напад за израмнување, Карлик Џонс не беше прецизен, но што Де Коло погоди на спротивната страна и стави печат на големиот триумф на Асвел.

Маледон со 21 и Ловерњ со 17 поени беа најефикасни во таборот на Асвел, додека кај Партизан најдобар поединец беше Вашингтон со 22 поени, а разочара Карлик Џонс со 6 поени (3/11 шут од поле).

Ти-Џеј Шортс поради повреда не можеше да настапи за Париз на домашниот дуел со Реал Мадрид, а „кралевите“ знаеја како да го искористат тоа стигнувајќи до убедлива победа од 85-96. Кампацо беше одличен во нападот на Реал со 19 поени, 17 постигна Хезоња, додека Тавареш оствари дабл-дабл од 10 поени и 14 кокови. Маодо Ло импресионираше со 30 поени за Париз, но и тоа беше недоволно за да се стигне до позитивен резултат на оваа средба.

Фенербахче влегува во сериозна криза, турскиот гигант минатото коло загубисо 30 поени разлика дома од Монако, а вечерва беше демолиран и на гостувањето против Барселона со 90-63. Кевин Пантер ја предводеше Барса во овој убедлив триумф со 25 поени, 18 постигна Андерсон, додека единствен со двоцифрен ефект кај Фенербахче беше Колсон со 15 поени.

Се вчитува...