Асвел остана единствен тим без триумф по првите пет рунди од Евролигата откако францускиот клуб денеска претрпе уште еден пораз, на домашен терен од Виртус Болоња со 84-87. Доаѓањето на Поцеко на тренерската функција дефинитивно ја крена енергијата кај Асвел, тимот заигра подобро отколку на последните средби, но и тоа не беше доволно за да се стигне до прв евролигашки триумф сезонава.
Асвел добро парираше во текот на целиот меч, но плати за падот на концентрацијата во финишот. Шенгелија имаше мирна рака од линијата за слободни фрлања во клучните моменти, со што грузискиот кошаркар ја осигура победата на Болоња, четврта во петте одиграни евролигашки средби оваа сезона. Шенгелија со 18 поени, 5 скока и четири аситенции беше главна фигура во победничкиот тим, додека најефикасен кај Асвел беше Фол со 16 поени.
Жалгирис беше шокиран на домашен терен од Валенсија со убедливи 72-87, меч на кој гостите од Шпанија доминираа од почеток до крај, во долги периоди имаа и над 20 поени предност против индиспонираните домашни кошаркари. Џонс ја предводеше Валенсија во овој голем триумф со 16 поени и 4 асистенции, додека Еванс со 18 поени, 4 асистенции и 3 украдени топки беше единствена светла точка во таборот на Жалгирис.
Панатинаикос ја доби пресметката со Басконија со убедливи 95-81, меч на кој гостите поради сериозни проблеми со повредени играчи настапија со само девет кошаркари во ростерот. Лесор го одигра својот најдобар меч за ПАО постигнувајќи 23 поени и 14 скокови, Митоглу додаде 23 поени за Панатинаикос, додека Американецот Хауард беше најдобар стрелец на Басконија, со постигнати 22 поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА