Аталанта конечно ја прекина резултатската криза откако во последните четири кола освои само еден бод, со триумфот што избраниците на Гасперини вечерва го забележаа на домашен терен над Емполи со 2-1. Мечот почна лошо за Аталанта, откако гостинскиот состав пред крајот на полувремето успеа да дојде до водство.
Сепак, домашните играчи собраа сили за целосен пресврт, најпрвин Де Рон израмни на 1-1, а улогата на херој му припадна на Расмус Хејлунд. Овој 20-годишен дански напаѓач влезе во игра во 79. минута на местото на Запата, а само седум минути подоцна одлично се снајде и го постигна победничкиот погодок за Аталанта.
Сасуоло по голема борба славеше со 1-0 на мечот со Специја, за своја четврта победа во низа во Серија А. Берарди ја погоди гредата во првото полувреме, но истиот фудбалер сепак го реши победникот во 71. минута, со прецизно изведен пенал што заврши во мрежата на Специја.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА