Атаман го победи „својот Ефес“, Турците на ПАО блескаа во Истанбул

Панатинаикос ја доби битката на поранешните европски прваци против Анадолу Ефес со убедливи 81-95, и тоа на теренот на противникот, во меч што наместо кошаркарска магија го одбележаа тешките повреди на домашните кошаркари Османи и Папајанис. Во една таква ситуација, Ефес немаше доволнно широчина во ростерот за да парира, а ПАО предводен од Турчинот Џеди Осман стигна до посакуваната победа.

Првото полувреме мина во целосно израмнета битка, гостите водеа со минимални 42-43 на паузата, но пресудна беше третата четвртина во која ПАО издоминира во однос на домашниот тим, го доби овој дел од мечот со убедливи 10-26 и си го трасираше патот до триумфот. Осман одигра одличен меч со 25 поени и пет скока, а значаен придонес даде и вториот Турчин во Панатинаикос, центарот Јурцевен со 15 поени.

Монако успеа да триумфира на домашен терен против Валенсија со резултат 90-84, и тоа благодарение на фуриозното прво полувреме што „кнезовите“ го добија со 57-37. Домаќините како предвреме да почнаа со прославата, Валенсија уште во третата четвртина се приближи до шест поени негатива, но Шпанците немаа за целосен камбек и триумф над актуелниот европски вицешампион.

Дијало беше најефикасен со 16 поени, Миротиќ имаше 15, а Стразел 14 за Монако, додека прв стрелец на Валенсија беше Бадио со 18 поени.

Се вчитува...