Атаман ја прозва Евролигата поради „пеколот“ во Израел: „Ова не е кошарка…“ (ВИДЕО)

Турскиот тренер Ергин Атаман имаше „специјален“ пречек на гостувањето на Панатинаикос против израелскиот Макаби во Тел Авив, на мечот од Евролигата.

Атаман е очигледно непожелна фигура во Тел Авив. Израелците му приредија „пекол“ во неколку наврати.

Најпрво, повеќе од 300 навивачи на Макаби ја чекаа делегацијата на ПАО пред влезот во салата, каде што жестоко го навредуваа Атаман, а сè продолжи на теренот, односно на трибините.

Кога Атаман излезе на теренот, се слушна неверојатна бучава поради навредите упатени кон турскиот тренер.

ПАО не го криеше своето негодување од ваквото однесување на навивачите во Израел, па издадоа соопштение поради „пречекот“ што го добија.

За овој пречек по натпреварот зборуваше и самиот Атаман, кој не беше рамнодушен поради она што го доживеа.

„Доаѓаш на теренот за да завршиш работа, а 10.000 луѓе сакаат да се втурнат на теренот. Ме чекаа пред соблекувалните, а потоа 40 минути ме навредуваа брутално и никој не прави ништо. Ова не е кошарка. Ова не е спорт. Јас си ја работам работата и сум горд што го водам тимот до плејофот и до титулата“ – рече Атаман.

Тој откри и дека пред две години добил порака повеќе да не доаѓа во Израел.

„Тоа го кажа некој од Тел Авив, но мене не ми е гајле и дојдов. Сепак, Евролигата мора да биде заинтересирана за тоа ако сака да се споредува со НБА. Ако некој таму би направил нешто вакво, 40 минути…, не знам како би поминал. Тоа е проблемот на Евролигата. А, јас дојдов и ќе дојдам повторно“ – дополни луто Атаман.

Инаку, Макаби го победи Панатинаикос со 75-71. Габриел Ифе Лундберг ги предводеше до победата со 16 поени, додека Грант постигна 14 поени за Панатинаикос. Клубот од Атина моментално е осми на табелата со скор од 14-9, додека Макаби е 14-ти со 9-14.

Се вчитува...