Атанасов и Хајдук го елиминираа Гимараеш за плеј-оф во Конференциската лига

Македонскиот репрезентативец Јани Атанасов и неговиот Хајдук ќе играат во плеј-оф рундата за место во групната фаза од УЕФА Конференциската лига, откако го елиминираа португалскиот Гимараеш.

Сплитскиот клуб на реваншот во Португалија вечерва загуби со 1-0, но доволна за Хајдук беше победата од 3-1 од првиот натпревар во Сплит. Португалците вечерва поведоа уште во 5. минута со голот на Андерсон, за да потоа цели 90 минути, вклучувајќи го и судиското продолжение, не успеат да дојдат до втор погодок.

Атанасов ги одигра последните десет минути за Хајдук на денешниот натпревар во Португалија, влегувајќи во финишот во игра на местото на Вуковиќ.

Во плеј-оф рундата за групна фаза во Конференциската лига, Хајдук ќе се соочи со шпански Вилјареал.

Се вчитува...