Со вечерашниот дуел во „Јане Сандански“ во 19.30 часот и официјално ќе биде означен стартот на финалната серија во плејофот во која МЗТ Скопје ќе го брани трофејот против екипата на ТФТ.
„Металците“ се актуелни шампиони, тим што стигна до титулата во 11 од претходните 12 сезони на македонската кошаркарска сцена. Аеродромци убедливо стигнаа до куп-трофејот пред неколку месеци, а во плејофот славеа со максимални 3-0 и во четвртфиналето против Феникс и во полуфиналето со Куманово.
Тренерот на аеродромци, Васко Атанасов пред првиот финален меч вели дека тие не се клуб што се задоволуваат само со серија која значи борба за титулата.
„Во битката со градскиот ривал влегуваме максимално сериозно, решени да ја финишираме работата онака како што посакуваат сите наши навивачи – со големо славје на крајот. Одиме чекор по чекор, натпревар по натпревар, свесни дека противникот не само што не е наивен туку е исклучително квалитетен и заслужува респект. Се подготвуваме за секоја можна ситуација и верувам дека ако одиграме како што знаеме, односно како што игравме досега во плејофот тогаш ќе може да го отвориме финалето со триумф. Пласманот во финалето секогаш носи задоволство како потврда на успешната работа до тој момент во сезоната. Но, МЗТ не е клуб што се задоволува само со играње во битката за трофејот, туку само со негово освојување што дефинитивно е наша цел во серијата со ТФТ. За тоа, секако, ќе ни треба и голема поддршка од трибините поради што ги повикувам сите наши навивачи и симпатизери да дојдат вечерва во сала и да ни помогнат да дојдеме до победа“, изјави Атанасов.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
