Атанасов: Оваа нова генерација фудбалери ќе донесе многу идни успеси за репрезентативниот фудбал

Младата репрезентација на Македонија, составена главно од нешто помлади фудбалери, кои се подготвуваат за следниот У21 квалификациски циклус ремизираше (1-1) на првиот од двата тест меча против Азербејџан во Баку.

Членот на Академија Пандев, Јани Атанасов вели дека Македонија заслужила победа според играта, но едноставно останале нереализирани неколку одлични шанси…

„Почнавме лошо на првиот натпревар дозволувајќи домаќините да дојдат до предност уште во 5. минута. Првите 20 минути Азербејџан ја контролираше играта, но потоа се беше во наши раце. Одигравме напаѓачки, имавме многу шанси и на крајот успеавме да израмниме, иако заслуживме и триумф“ – ни изјави Атанасов од Баку, притоа осврнувајќи се генерално на овој нов репрезентативен состав.

„Полека се вклопуваме како нова селекција. Се знаеме добро од настапите за помладите категории. Она што навистина е позитивно е што има максимална посветеност и од стручниот штаб, па мислам дека сега на вториот меч со добра игра ќе дојдеме и до триумф против Азербејџанците. Оваа селекција на фудбалери од 1998/99 ветува, владее одлична атмосфера па преку неа во иднина верувам ќе следат многу нови успеси“ – вели Атанасов.

Вториот натпревар меѓу Азербејџан и Македонија се игра утре од 17 часот.

Се вчитува...