ЕКИПА во Рим,
Никола Станикевски
Јани Атанасов внесе вистинска свежина во играта на македонската репрезентација во второто полувреме, со два гола внесувајќи неизвесност на мечот.
Играчот на полска Краковија смета дека поразот е превисок за она што македонската селекција го покажа во вториот дел, иако е јасно дека сега треба да се извлечат добри поуки како би се растело во иднина како репрезентација.
„Се разбира среќен сум што ги постигнав првите погодоци во репрезентативниот дрес, и тоа е радост за секого, но искрено нема задоволство кога се губат натпреварите. На нас како млади играчи ни останува уште многу работи пред нас за да бидеме на вистинско ниво кое го посакува стручниот штаб“ – вели Атанасов, притоа дополнувајќи:
„Задоволен сум што во второто полувреме покажавме дека можеме да се носиме со една врвна Италија која игра на едно вакво високо ниво. Покажавме дека сакаме да играме фудбал, но за жал на крај резултатот овој пат не беше во наша полза. Кога се отворивме во второто полувреме потоа нормално беше и селекција како Италија да има отворен простор за напад иако повторно примивме некои голови кои не ги заслуживме“.
Сега следи Англија за три дена во Скопје пред преполниот „Тодор Проески“…
„Сега останува малку да ги оладиме главите. Останува на селекторот да ги нареди коцките како треба, сите веруваме во него, знаеме дека секогаш го бара идеалното решение за секој од нас и се обидува да го извлече максимумот од секој од нас, па верувам дека ќе одиграме квалитетно на задоволство на сите наши навивачи кои ќе бидат присутни на ‘Тодор Проески’“ – рече Атанасов.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА