Атанасов: Целта на МЗТ Скопје е пласман во АБА

Македонскиот шампион МЗТ Скопје во новата сезона повторно ќе биде дел од АБА2 лигата откако претходната сезона во „елитната“ конкуренција заврши на последното место на табелата.

Аеродромци кои пред две сезони играа финале во АБА2 лигата и овој пат влегуваат во натпреварувањето со највисока цел – изборување на место меѓу најдобрите регионални тимови, а првиот предизвик ќе го имаат против хрватскиот претставник Цедевита јуниор во натпреварот кој ќе биде одигран во вторник со почеток од 21 часот.

Тренерот на „штковите“ Васко Атанасов пред средбата со Хрватите говореше за амбициите и предизвикот кој следи.

„Средбите во Суботица ќе бидат одличен тест за нашата сила и квалитет со кој располагаме. Со амбиции за највисок пласман влегуваме во АБА2, која се игра забрзано, па речиси да немаме право на грешка. Против Цедевита јуниор ќе пробаме од стартот да го наметнеме ритамот и нашиот стил на игра и да го искористиме завидното искуство, кое многу ќе ни значи во ова натпреварување. Верувам во својот тим и во успешен старт на јадранската сезона“, изјави Атанасов.

Се вчитува...