Вкупно 151 учесници од 15 земји ќе бидат дел од првото издание на планинарската трка „Охрид треил“ која ќе се одржи утре на планината Галичица и градот Охрид. Учеството на големата трка од 60 километри е потврдено од 57 натпреварувачи, а 94 натпреварувачи ќе се појават на стартот од малата трка на 35 километри. Стартот на големата трка е од Св. Наум во 8 часот, а малата ќе започне од автокампот Елешец во 10 часот. Финишот на двете трки е на кејот Македонија.
Пред медиумите и спортската јавноста за значењето на Охрид треил и неговите бенефити зборуваше градоначалникот на Охрид, Константин Георгиевски.
„Како голем љубител на природата и спортот и како активен планинар ми преставува голема чест што можам да го најавам првото издание на Охрид треил. Овој настан освен што ќе послужи за поттикнување на спортот ќе има за цел да ги промовира и афирмира природните убавни на Охрид и планината Галичица. Сметам дека Охрид треил ќе значително ќе ја збогати туристичката понуда во нашиот град во насока на алтернативните форми на туризам надвор од летната сезона. Верувам во капацитетите и способностите на луѓето вклучени во организацијата на оваа спортска приказна и убеден сум дека Охрид треил ќе биде исклучително квалитетно организиран и ќе бидат земени во обзир сите современи стандарди и практитки за ваков вид на настани. Исто така убеден сум дека Охрид треил ќе донесе едно незаборавно искуство за сите учесници и дека овој настан ќе прерасне во традиоционален. Општина Охрид и јас како градоначалник секогаш ќе бидеме отворени за соработка и за поддршка на ваквите инвентивни и креативни идеи и настани кои ќе донесат развој на Охрид во неколку полиња“ – изјави Георгиевски.
Почеток на едно ново спортско поглавје во Охрид најави првиот човек на Асоцијацијата за спортови „Спорт за сите-сите за Спорт“, Иван Цветкоски која во партнерство со Планинарското здружение ТРЕКС го организира Охрид треил.
„Со особена чест ви го најавуваме првото издание на планинската трка Охрид треил, која верувам дека ќе биде многу интересна и возбудлива и ќе се одржува уште многу години и ќе го лансира Охрид на врвот од спортовите на планина. Охрид треил ќе биде мини издание на Ајрон мен и ние со големо задоволство го организираме и ќе го организираме“ – рече Цветкоски.
Здружението ТРЕКС ќе го додаде Охрид во градови и места кои биле домаќини на Планинска трка. ТРЕКС може да се пофали со успешна организација на настани во Прилеп, Скопје, Штип, Водно-Матка и Шар Планина.
„Охрид треил е трка во планинско трчање. Планинско трчање преставува спорт мешавина од трчање и планинирање. Овој спорт е релативно нов и бележи голем последниве десеттина години. Во нашата земја, здружението ТРЕКС од 2011 започнува со организирање на планинарски трки и до сега редовно организираме трки во Прилеп, Штип, Скопје и Шар Планина и многу ми е мило што Охрид го додаваме во нашата лепеза. Не може да ги заобиколиме природните убавани на Галичица, убавите на Охрид и затоа веднаш ја прифативме поканата и понудата од Асоцијацијата за спортови. Со оглед дека ова е прво издание и ние сме возбудени, а и натпреварувачите исто така. Очекуваме интересна трка, исто така веруваме дека учесниците ќе дадат се од себе и ќе ја направат трката уште поинтересна и повозбудлива“ – истакна директорот на трката, Дејан Крле.
Околу техничкиот дел зборуваше Игор Јованоски, кој ги повика охриѓани да дојдат во што поголем број на финишот и во текот на целата трка иако се одвива во планина.
„Трката на 60 километри која започнува во 8 часот го опфаќа целиот гребен на планината Галичица и се минува низ најинтересните делови од планината, додека малата трка која стартува од Автокампот Елешец во 10 часот ќе им се приклучи на групата од голема трка. Финишот на две трки е на кејот на Македонија. Победникот на мала трка се очекува да пристигне за три и пол часови, а најдобриот во голема трка за шест и пол часови. Во име на целата организација ги повикувам сите да дојдат и да ги бодрат учесниците. Поддршката со оглед на квалитетот и должината на трката се повеќе од потребна не` само на финишот туку во текот на целата трка“ – потенцираше Јованоски.
Целата организација најголем акцент стави на безбедноста на натпреварувачите. Патеката е одбележана со посебни маркици, вкупно 60 волонтери ќе има на прагот од целата трка, а за здравјето на учесниците ќе се грижи Планинарската спасителна служба.
„За потребите на две трки се ангажираат 60 волонтери и би сакал јавно да им изразам благодарност, бидејќи тие се главниот носител на овој настан. Волонтерите доаѓаат од цела Македонија и се работи за искусни планинари. За безбедноста на планинарите ќе се грижи Планинска спасителна служба која е одлична организирана и професионална. Наша најголема грижа е безбедноста и тука ставаме најголем акцент. Натпреварувачите ќе ги почитуваат нашите инструкции и ќе имаме феноменална трка“ – додаде Цветкоски.
Временскиот лимит на трката за 60 километри изнесува 15 часа, додека за малата трка е 9 часа.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА