Кулминира незадоволството од работата на Атлетската федерација на Македонија и нејзиниот прв човек Крсте Серафимовски. Долги години домашните атлетски клубови и атлетските работници се незадоволни од начинот на кој се води македонската атлетика, и нејзиниот статус во домашните спортски кругови но и во европски рамки.
Долги години трае незадоволството од условите кои за најдобрите македонски атлетичари се овозможуваат за развој, па затоа за добро упатените и не изненадува што сега веќе следи и бојкот од најдобрите македонски репрезентативци кон актуелната Атлетска федерација на Македонија и првиот човек Крсте Серафимовски.
Македонскиот шампион во маратон Александар Кираџиев, согласно резултатите, е пријавен за настап на Балканското првенство во маратон кое на 18. март треба да се одржи во Лимасол, Кипар.
Но, Кираџиев во своето обраќање до јавноста информира дека не планира да оди на уште една прошетка која ја организира АФМ, и во иднина ова раководство нема да добие ниту едно негово учество на било кое натпреварување во интернационални рамки…
„Почитувана актуелна Атлетска Федерација на Македонија, ќе ви одговорам вака јавно, во врска со вашата покана за престојното Балканско првенство во Маратон:
Во изминатите 3-4 месеца (а и никогаш претходно), никој од вас не се заинтересирал за мене, мојата состојба, моите можности, здравје, опрема, исхрана итн. А уште помалку да праша за мојата фамилија.
Не знам кој собира толкава дрска храброст, сега мене да ме повикува да преставувам една федерација и земја. Маратонот е многу суров предизвик. Немате ни престава низ што се јас поминувам за да се подготвам, притоа да ги проголтам сите мои проблеми.
Затоа организирајте си уште една прошетка, моето учество не го заслужувате никаде и никогаш“ – вели во својот одговор до Атлетската федерација на Македонија, државниот шампион во маратон, Александар Кираџиев.
А, како што е познато, дел од македонските атлетски клубови покренаа и иницијатива за Вонредно Собрание на АФМ на кое треба да се разгледа работата на федерацијата и комплетната ситуација со македонската атлетика која живее на маргините од домашниот спорт.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА