Тренерот на Атлетико Мадрид, Диего Симеоне, за реванш средбата против Локомотив Москва во Лигата на Европа ќе ги одмори Јан Облак, Диего Коста и Кевин Гамеиро. Тројцата фудбалери ќе останат во Мадрид, Симеоне не сака да ризикува понатамошни повреди знаејќи дека „јорганџиите“ завршија повеќе од половина работа при првиот дуел, со триумфот од 3-0 на „Ванда метрополитано“.
Гамеиро, Коста и Облак не присуствуваa ниту на тренингot пред заминување за Русија. Гамеиро се уште ја лечи повредата на бутниот мускул, во случајот со Коста пак, има сомнежи за потрес на мозокот, по што му е препорачано да одмори неколку дена.
Облак изненади со својот настап против Селта Виго изминатиов викенд, мечот во кој Атлетико славеше со убедливи 3-0, откако претходно се опоравуваше од повреда на зглобот на раката, а сега ќе мора одново на рехабилитација.
Се очекува настап на резервниот млад голман Аксел Вернер, додека напаѓачкото трио кое ќе се соочи со Локомотив треба да биде Фернандо Торес, Антоан Гризман и Анхел Кореа.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА