Атлетико ја затвори вратата: Роналдо кај нас во Мадрид, тоа е невозможно

Атлетико Мадрид дефинитивно нема да го доведе Кристијано Роналдо во своите редови, без оглед на напорите на менаџерот Жорге Мендеш да го испрати португалскиот ас во редовите на тимот предводен од Диего Симеоне.

Во изминатите денови многу се шпекулираше околу тоа што треба да се случи за Роналдо да се пресели меѓу „црвено-белите“ од Мадрид, но претседателот на клубот, Енрике Черезо, јасно стави до знаење дека таков трансфер нема да се случи.

„Да бидам искрен, не знам кој ги измислува таквите приказни дека сме заинтересирани за Кристијано Роналдо и дека прави се што можеме за да го доведеме. Секако дека го почитуваме како играч, но Роналдо кај нас во Мадрид, тоа едноставно е невозможно“, децидно порача Черезо.

Роналдо вчера пристигна назад во Манчестер и веднаш замина на разговори со управата на „црвените ѓаволи“. Неговата желба е јасна – што поскоро да си замине од клубот, но челниците на Јунајтед не планираат да го пуштат да си замине без оштета. Проблем плус е што во Европа не постои клуб со високи амбиции што би сакал да го доведе Кристијано во своите редови откако сите оние на кои им беше понуден ја отфрлија можноста за ангажман на Португалецот.

Се вчитува...