Атлетико Мадрид триумфално ја заврши сезоната во Ла Лига откако попладнево славеше со 0-4 на гостувањето против Џирона. Во главна улога беше Норвежанецот Серлот, кој влезе во игра на средина од вториот дел и успеа да постигне три гола, за вкупно 20 погодоци за овој фудбалер во првата сезона во дресот на Атлетико во Примера дивизион. Десетина дена откако даде четири гола во едно полувреме против Реал Сосиедад, Серлот овојпат постигна три погодоци во вториот дел, и тоа откако влезе во игра во 62. минута од овој натпревар.
Тој го отвори резултатот откако домаќините загубија топка на сопствената половина, а Атлетико организираше одлична акција по која Серлот се најде осамен во шеснаесетникот и рутински стрелаше за 0-1.
Двата тима како да чекаа мечот што побрзо да заврши, за во 87. минута Атлетико да постигне и втор гол, преку Ленгле по големата грешка на домашниот голман кој ја испушти топката по ударот на Алварез, по што францускиот дефанзивец проблеми ја смести во мрежата.
Џирона целосно застана, а Атлетико го искористи тоа за да постигне уште еден гол преку „резервистот“ Серлот во 90. минута. Гол-шоуто беше комплетирано во 93. минута, кога Блинд загуби топка, а Атлетико од контранапад преку Серлот ја запечати победата по несебичното додавање на Алварез.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

