Атлетико Мадрид тргна во офанзива со трансфери, синоќа беше комплетирано доаѓањето на левиот бек Руџери од Аталанта, а мадридскиот клуб попладнево официјализираше уште еден важен фудбалер.
Шпанскиот репрезентативец Алекс Баења е нов фудбалер на Атлетико откако „црвено-белите“ постигнаа целосен договор со Вилјареал за овој фудбалер. Атлетико ќе плати 50 милиони евра за овој мега-трансфер, од кои 45 милиони евра се загарантирани, додека пет милиони се поврзани со неколку клаузули.
Станува збор за играч кој може да настапува како крилен офанзивец, но и како плејмејкер веднаш зад класичниот напаѓач, а Диего Симеоне во него гледаше идеален наследник за Антоан Гризман. Французинот ќе остане уште една сезона во Атлетико, а Баења ќе има одлична можност да игра крај Гризман, а потоа од наредното лето и целосно да ја преземе неговата улога во тимот.
Баења целата досегашна кариера ја мина како член на Вилјареал, со исклучок на сезоната 2021/22 во која беше позајмен на Џирона.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

