Атлетико Мадрид цврсто ја држи втората позиција во Примера дивизион, одржувајќи ја убедливата предност во однос на третопласираниот Реал Мадрид. Избраниците на Диего Симеоне вечерва имаа тежок испит на гостувањето против Севилја, но неочекувано лесно стигнаа до цел плен, понижувајќи го домашниот тим со преубедлива победа од 2-5.
Диего Коста со погодокот во 27. минута го сврте текот на настаните, Севилја загуби на сигурност, па Гризман набрзина постигна два погодоци, еден во финишот од првото, другиот на стартот од второто полувреме. На 0-4 зголеми Коке, a потоа пукна и „петарда“ во мрежата на домашниот тим. Гризман најпрвин во 68. минута го погоди дирекот, но затоа беше поумешен во 81. минута, кога го комплетираше својот хет-трик. Конечните 2-5 во последните пет минути ги поставија Сарабија и Нолито, за слаба утеха на разочараните домашни фанови на „Санчез Пизхуан“.
Атлетико со оваа победа (петта во низа) има 58 бода, седум повеќе од Реал Мадрид на третата позиција, но и седум помалку во однос на лидерот Барселона. Во следното коло „јорганџиите“ на 28 февруари на домашен терен ќе го пречекаат Леганес, а веќе наредниот викенд, на 4 март ќе следи големото дерби со Барса на „Камп ноу“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА