Атлетико Мадрид прокнижи нови бодови во шпанската Ла Лига откако на домашен терен рутински ја совлада Валенсија со 3-0. Диего Симеоне реши на стартот да го остави на клупата скапото засилување Хулијан Алварез, но затоа во своите редови го имаше расположениот Гризман, кој беше најдобар поединец на мечот.
Мамардашвили му одбрани зицер на Сорлот при 0-0, но голманот на Валенсија беше немоќен пред крајот на првото полувреме кога на асистенција на Гризман прецизно биеше летното засилување од Челси, Конор Галахер. Победникот беше решен на почетокот од второто полувреме, кога Гризман одлично се снајде во шеснаесетникот и биеше прецизно за 2-0, предност што тимот на Диего Симеоне рутински ја задржа до самиот крај. И не само тоа, туку во 93. минута Атлетико стигна и до 3-0 откако Хулијан Алварез се најде на вистинското место и немаше тешка задача од пет метри да ја смести топката во празната мрежа, за свој прв гол за мадридскиот клуб по летниот трансфер од Манчестер Сити.
Атлетико по оваа победа е израмнет на делба на второто место со Реал Мадрид и со Вилјареал, додека Валенсија останува закопана на последното место со само еден освоен бод по првите пет кола оваа сезона.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА