Се ближи крајот на „врската“ меѓу Атлетико Мадрид и Антоан Гризман, Французиност ќе си бара нов дом по завршувањето на оваа сезона. Во Атлетико, нема за што да жалат, кој и да сака да го купи Гризман, мора да „искешира“ најмалку 100 милиони евра, што за „јорганџиите“ значи огромен профит. Нема потреба ниту за грижи на навивачите, клубот веќе ја идентификува замената за екс-фудбалерот на Сосиедад.
Германските медиуми тврдат дека Тимо Вернер е примарна трансфер цел на Диего Симеоне. „Ел Чоло“ во него гледа како идеален напаѓач кој би можел да претставува закана на исто ниво како Гризман. Лајпциг засега не ни помислува да преговара со ниту еден клуб околу услугите за овој фудбалер, бидејќи Вернер претставува иднината на германскиот фудбал.
Иако има само 21 година, Вернер може да се пофали со големо фудбалско искуство. Веќе е репрезентативец на Германија, за „панцерите“ постигна седум погодоци на 10 меча. Минатата сезона застана на 21 гол во Бундеслигата, во оваа е за нијанса послаб во реализацијата, засега стои на 10 гола на 17 натпревари.
Германскиот вицешампион во јуни 2016 година исплати 10 милиони евра на Штутгарт за услугите на Вернер, што значи дека профитот од негова евентуална продажба ќе биде многу поголем.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА