Германија и Франција ремизираа 25-25 во дерби-дуелот од групата А на СП 2019, пресметка по која „триколорите“ останаа на чело на табелата. Германските ракометари имаат за што да жалат ако се знае дека имаа водство во поголемиот дел од мечот, на помалку од пет минути до крајот имаа и плус два, но на крајот им пресуди голот на Нгесан постигнат буквално во последната секунда од овој трилер-натпревар.
Дерби-пресметката стартуваше со жестока игра во одбраната на двете страни, што резултираше со мал број на погодоци. „Триколорите“ во првото полувреме имаа само едно водство, од 4-5, по што Германците за првпат врзаа три гола во серија и поведоа со „плус два“ (7-5). Ко-домаќините во еден момент имаа и три гола предност (10-7), во финишот од полувремето во ритам влезе Фабрегас, па на одмор се замина со водство на германскиот национален тим од 12-10.
За разлика од првиот дел, Французите тргнаа фуриозно во првите три и пол минути од второто полувреме постигнаа четири погодоци и стигнаа до израмнување (14-14). Се играше „егал“ десетина минути, а во 43. минута Франција остана со двајца играчи помалку по исклучувањата на Мем и на Ди Панда. Германците не успеаја да ја искористат оваа предност, во меѓувреме и двајцата селектори ги променија голманите, а во последните десет минути се влезе со израмнети 20-20.
Ко-домаќините со два брзи гола се одлепија на 22-20, а не помогнаа ниту советите на Динар при тајмаутот при резултат 23-21. Ди Панда беше на прагот да стане трагичар на „триколорите“, најпрвин доби исклучување, а потоа во клучниот напад за израмнување направи пробивање. Франција доби шанса за израмнување на 26 секунди до крајот, Динар побара уште еден тајмаут, а Нгесан испрати бомба со звукот на сирената, за конечни 25-25.
Со овој освоен бод Франција остана на првото место во групата, со еден бод предност во однос на Германија. Французинот Мае беше убедливо најдобар стрелец на натпреварот со девет погодоци, додека кај домашната селекција по четири гола постигнаа Вајде, Штробел и Генсхајмер.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА