АТП купот по три години заминува во историјата

Пред три години АТП купот стана симбол на отпорот против новиот Дејвис куп, а по напорните преговори беше постигнат договор меѓу двете страни. АТП купот стана отворање на сезоната во Австралија, а во исто време, по триесет години, беше укинат популарниот егзибициски турнир Хопман куп, на кој игаа мешани репрезентации со машки и женски тенисери.

Меѓутоа, неодамна беше постигнат договор меѓу АТП и Космос, односно ИТФ, дека понатамошниот конфликт нема смисла, а АТП конечно реши да го признае новиот формат на најголемото екипно натпреварување во тенисот и да го откаже сопственото натпреварување.

Се одржаа три изданија на АТП купот, победници беа Србија, Русија и Канада, која во финалето на тековната сезона ја совлада Шпанија. АТП купот имаше богат награден фонд од десет милиони долари, но доживеа големи финансиски загуби, пред се поради тоа што се одржа за време на пандемијата.

Добрата вест за љубителите на тенисот е што Австралијците ќе го заменат АТП купот со нова верзија на Хопман купот, останува прашањето како ќе се вика новото натпреварување. Што се однесува до Дејвис купот, се уште не е постигнат договор околу распределбата на ранг бодовите за настап, но очекувањата се и овој проблем да се реши во блиска иднина.

Се вчитува...