Златната кадетска репрезентација на Македонија денеска уште еднаш официјално беше поздравена за извонредниот успех со освојувањето на ЕХФ-шампионатот во Рига, Летонија, преку свечениот прием во хотелот „Александар Палас“ организиран од Ракометната федерација на Македонија.
Еден од најдобрите македонски ракометари, Аце Петковски не го крие задоволството од извонредниот резултат, ветувајќи дека за него и неговите соиграчи овој огромен успех е само мотив повеќе за сите идни предизвици во иднина.
„Ова е навистина прекрасно чувство, по освојувањето на златниот медал на ЕХФ-шампионатот. Јас бев на сите три собири ова лето, и со сениорите и со младинците и сега со кадетите, но мора да признам сега дека навистина вредеше сиот тој ангажман, сега со искачувањето на европскиот врв. Многу сум среќен што оваа генерација, освен тоа што ја искористи оваа можност максимално, ќе имаме можност во иднина заеднички да се надоградуваме и развиваме како што вистински треба, и да докажеме дека македонскиот ракомет и тоа како има светла иднина“ – истакна Петковски на денешниот прием во „Александар Палас“, притоа осврнувајќи се и на финалниот натпревар во Летонија.
„Ако треба да издвојам некој натпревар од шампионатот тогаш тоа е сигурно финалето. И во моментите кога бевме во негатива, селекторот дојде и ни каже дека ние сигурно го добиваме финалето. Не мотивираше силно дека нашиот квалитет е очигледен и треба само со поголема верба да се издигнеме над противникот. И навистина на крај така и беше и дојдовме до посакуваната победа во финалето, и златниот медал“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА