Поранешниот македонски репрезентативец, Аце Стојков, кој ја презеде функцијата спортски директор во струмичкиот прволигаш Академија Пандев, вели дека се впуштил во новиот предизвик препознавајќи дека се гради нов визионерски проект со италијанската Брера Холдинг кој ќе го издигне клубот на едно повисоко ниво.
Стојков, кој е со исклучително богата интернеционална кариера, од денеска влегува официјално во раководните структури на клубот, најавувајќи дека наскоро ќе почне да се гради и тимот за пролетната сезона.
„Навистина сум почестен со шансата што ми е дадена и сакам да се заблагодарам на Горан Пандев за тоа што ме препозна мене како човек кој може да допринесе многу во развојот на една нова модерна фудбалска приказна. Без да должам со детали, кои секако наскоро ќе и бидат презентирани на македонската јавност, само ќе кажам дека партнерството на Академија Пандев со италијанската Брера Холдинг допринесе дополнително да ја прифатам понудата за спортски директор, бидејќи се работи за еден визионерски проект, и план за издигнување на ниво погоре во работењето и организацијата на клубот во иднина“ – вели Стојков и дополнува:
„Во периодот кој следува етапно ќе ги презентираме и новите засилувања кои ќе бидат дел од нашиот пролетен тим. Целта е една, да излеземе од опасната зона и што порано да го обезбедиме опстанокот, а потоа мирно да го приведеме првенството при крај. Секако и максимално ќе се посветиме на изградба на структурата која ќе ја крене Академија Пандев на следно ниво“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА