Двацата се стружани, и двајцата се неприкосновени борци и веќе со години, главните столбови на одбраната во македонската репрезентација – Ацо Јоновски и Велко Маркоски. Со нив на линијата секогаш е посигурно, оти за нив нема штедење и нема калкулации, можам или не можам. Велат, важен е секој дуел, се влегува со глава и со срце за да се сопре противникот.
И двајцата зад себе имаат многу натпреври, воиграни се толку што често се разбираат и со поглед, а искуството им дава предност против помладите и неретко посилни противници. Полека го совладуваат „новиот систем“ на селекторот Раул Гонзалес и веруваат дека Македонија на ова ЕП ќе функционира беспрекорно.
„Македонија и на претходните светски и европски првенства докажа дека има сила да се носи со сите, посебно во одбраната. Верувам дека така ќе биде и на ЕП во Хрватска. Точно е дека сега има и помлади играчи од нас, но наша предност е искуството. Треба да го искористиме тоа. И јас и Веле сме од тие поискусните играчи во репрезентацијата, тој е малку помлад, јас малку поискусен, не постар (се смее). Главно, добро се познаваме, долго време играве заедно во Металург и долго време сме заедно во македонската репрезентација. Се разбираме некогаш и без зборови. Доволно е еден поглед и веќе знаеме кој што треба да направи и како треба да функционираме“ – вели 37-годишниот Ацо Јоновски.
Кога се противниците во прашање, одговорот е заеднички – со секого мора да одиграме максимално. Со сите и на секој натпревар. Но, со кои противнички играчи им е најтешко да се справат?
„Сме играле и претходно и добро ни се познати сите противници со кои ќе играме во групата на ЕП. И Словенија и Црна Гора и Германија имаат добри ракометари во својот состав и свои адути во нападот. Ако би издвоил некој, посебно незгоден за чување е Миха Зарабец од репрезентацијата на Словенија. Тој е низок, брз играч, непредвидлив е и треба посебна концентрација и внимание за да се задржи“ – истакнува Велко Маркоски.
А на тоа се надополнува и Јоновски:
„Јас не би издвоил никого посебно. Има навистина многу добри играчи во сите три репрезентации со кои ќе играме во првата фаза на ЕП и навистина не може да се издвои дека некој е подобар, некој е послаб или кај овој можам, а кај другиот не можам малку ќе се штедам или ќе калкулирам. Нема калкулација! На секој натпревар и на секој играч мора да се оди 100 процентно и со глава“ – вели горостасниот стружанец.
Фокусот на одбраната, на завршните тренинзи пред стартот на ЕП е на репрезентацијата на Словенија која и со сите малери со повредите сепак, е противник што никако не смее да се потцени. А дека подготовките во „црвено-жолтиот“ табор се и тоа како студиозни, доаѓа потврда од прва рака.
„Концентрирани сме на првиот меч со Словенија. Знаеме за какви играчи и за каква репрезентација се работи. Имаат добар, брз напад еден на еден, добар проток на топка. И сега се фокусираме на нивната игра, а потоа одиме чекор по чекор како што ќе доаѓаат натпреварите со другите противници. Треба да одиме натпревар по натпревар, што се вели, со глава и со срце, максимално концентрирани. Прво со Словенија, а потоа одиме понатаму, противник по противник. Имаме време, гледаме видеа, анализираме и добро подготвени ќе влеземе во секој дуел“ – влева сигурност Ацо Јоновски.
Двајцата клучни дефанзивци во македонскиот состав велат дека добро се снаоѓаат и полека се вклопуваат во новиот систем што го поставува селекторот Раул Гонзалес. Треба време за се да биде беспрекорно, но напредокот се видлив од ден во ден.
„Со Раул имаме малку поинаков систем и треба малку време да се навикнеме. Можеби малку е времето за да се вклопиме максимално во тој систем, но ние се трудиме и функционираме се подобро од ден во ден“ – потврдува Маркоски.
А, кога нешто дава позитивен резултат, тогаш вреди и трудот.
„Поголемо олеснување е со тој систем да се игра одбрана и е многу посигурно. Но, како што кажа и Веле, треба малку време да се навикнеме. Во изминативе години и во репрезентација и претходно во Металург игравме еден друг систем. Работиме, сакаме да се прилагодиме што подобро на она што го поставува пред нас селекторот и што подобро да го прифатиме и да го совладаме тој нов систем“ – додава Јоновски кој отсекогаш бил беспоштеден борец во македонскиот дрес.
Го покажа тоа и во јунските квалификации за ЕП 2018 кога новиот селектор на македонската клупа побара помош, а Јоновски не размислуваше ни момент, го фати првиот авион од Германија и дојде да му помогне на селекторот и на македонската репрезентација во дуелот со Чешка да се завери пласманот на ЕП. Се разбира, ни Раул Гонзалес не го заборави тој гест, побара збор пред новинарите само за да се заблагодари – „Фала ти Јоно што дојде кога ни требаше!“
Некои работи, едноставно не се забораваат. А, взаемната почит и довербата се основа на која добро функционира секој систем. И носи резултати.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА