Александар Тодоров во текот на летово го прифати предизвикот да се врати во Романија и да седне на клупата на Крајова, клуб што никогаш немал поголемо реноме во оваа земја, со оглед на фактот дека нема забележано ниту една победа на плејоф натпреварите во својата историја. Затоа и зацртаната цел пред стартот на сезонава беше да се влезе во плејофот и да се добие најмалку една средба, но Тодоров ги надминува сите можни очекувања.
Имено, Крајова по осум кола се наоѓа на чело на табелата во романскиот шампионат со скор 7-1, што воедно е и најдобар старт на една сезона во клупската историја.
„Морам да бидам задоволен од нашите игри и резултати. Никој не веруваше, но составивме компактна екипа што игра квалитетна кошарка, па забележивме седум победи на првите осум натпревари. Знаеме дека нема простор за еуфорија, работиме напорно бидејќи вистинските предизвици ќе претстојат во периодот што следи“ – изјави Тодоров, кој вчера ја доби пресметката со својот поранешен клуб Динамо Букурешт со резултат 76-69.
Во својот ростер македонскиот стратег има и двајца кошаркари кои имаат настапувано во нашиот шампионат.
„Плејмејкер е Игор Мијајловиќ, со кого соработував и во МЗТ Скопје, а во тимот го имаме и Гајовиќ, кој настапуваше за Фени индустри пред неколку сезони. Успехот е уште поголем ако се знае дека во екипата имам шест домашни кошаркари помлади од 23 години, во Романија има правило младите играчи да настапуваат по едно полувреме. Кај нас во секој момент од натпреварите имаме по најмалку еден играч помлад од 23 години на терен и победуваме“ – задоволен е Александар Тодоров.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА