Австралија во нов град ќе ги пречека најдобрите мотоциклисти на денешницата

Австралиското Мото ГП следната година ќе се одржи во Аделаида, на улична патека во средината на градот, што ќе биде историска трка. Аделаида на тој начин ќе го преземе домаќинството од легендарниот „Филип Ајленд“, кој е меѓу омилените патеки на сите мотоциклисти.

Со месеци се шпекулираше дека Филип Ајленд ќе остане без својот најголем настан. Постоеше идеја трката да се премести во Мелбурн, на патеката „Алберт Парк“, која е домаќин на трките од Формула 1, но викторијанската влада ја отфрли таквата можност, со најава дека ќе инвестираат повеќе пари на островот. Сето ова им овозможи на организаторите на трката во Аделаида да преземат иницијатива и да ја преместат трката во Јужна Австралија.

Инаку, од 1985 до 1995 година, Аделаида беше организатор на Големата награда на Австралија во Формула 1, на улична патека, која ќе биде модифицирана за потребите на мотоциклистите. Предложената патека ќе биде долга 4.195 метри, ќе има 18 кривини, а се претпоставува дека мотоциклите ќе достигнат брзина од 340 км/ч на неа.

Доколку тие планови се реализираат, патеката, која се наоѓа југоисточно од центарот на Аделаида, во средината на паркот Викторија, ќе биде првата целосно урбана трка од шампионатот. Во случај сè да не биде готово на време, веќе има информации дека трката би можела да се префрли на патеката „Бенд Моторспорт Парк“, која се наоѓа на 100 километри од Аделаида. Станува збор за патека која е домаќин на трки од австралиското првенство и има потребна инфраструктура потребна за највисоко ниво на меѓународно натпреварување.

Се вчитува...