Австрија е далеку од посакуваната форма на една седмица пред почетокот на ЕВРО 2020, натпреварување на кое Австријците за прв ривал на 13 јуни ќе ја имаат Македонија. Тие денеска ја одиграа последната контрола пред европскиот шампионат, во бледа игра ремизирајќи против Словачка (0-0).
Австрија одигра особено слабо во првото полувреме, во кое нашиот прв ривал не создаде ниту една посериозна шанса за постигнување на гол. Најубавата можност ја имаа гостите преку ударот на Мак, кој одлично беше одбранет од страна на голманот Даниел Бахман.
Австријците заиграа нешто подобро во вториот дел, но Словачка повторно ја имааше најубавата шанса во 52. минута, кога Дуда од извонредна ситуација наместо во мрежата со топката го удри својот соиграч пред гол-линијата. Домаќините се разбудија откако во игра влезе искусниот Марко Арнаутовиќ, кој ги надмина проблемите со повредата, но не успеаја да стигнат до победнички погодок.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА