Австрија остана без уште еден клучен играч за СП

Австрија се соочува со нов огромен проблем во пресрет на ракометниот Мундијал откако Јанко Божовиќ отпадна од комбинација за настап на шампионатот.

Искусниот ветеран требаше да биде лидер на тимот по повредата на Билик, но Божовиќ го повреди коленото на еден од последните тренинзи, а деталните прегледи покажаа проблем со менискусот. Поради ова, препорачана е пауза од најмалку еден месец, по што на местото на поранешниот играч на Металург повикан е Никола Паулнстајнер од бундеслигашот Постдам.

„Секако дека загубата на Јанко Божовиќ е болна за нас, останавме без играч кој е столб на репрезентацијата, со 195 натпревари за националниот тим. Мораме да се снаоѓаме, а позитивно е што Паулнстајнер веќе извесен период тренираше со остатокот од тимот, па е запознаен и со соиграчите и со системот што го практикува селекторот“, истакна спортскиот директор Патрик Фелсер.

Австрија е еден од потенцијалните ривали на Македонија во главната фаза од овој мундијал, ако се знае дека Австријците се дел од групата Ц (заедно со Франција, Катар и Кувајт) што ќе се спои со нашата група Д во следната мундијалска рунда.

Се вчитува...