Одбојкарската репрезентација на Македонија го доживеа и третиот пораз во групата А од Сребрената Европска лига. Избраниците на селекторот Љубомир Травица повторно имаа сили за да освојат само еден сет против Австрија. Сега како гости, одбојкарите одиграа речиси идентично како и во Скопје, и се враќаат со пораз од 3-1 во сетови.
Австрија го доби комфорно првиот сет со 25-20, откако Македонија покажа многу слабости во организацијата на играта, но и при приемот на топката.
Нашите одбојкари заиграа многу подобро во вториот сет, и успеаја да го добијат со 25-23. Капитенот Никола Ѓоргиев беше на вистинското ниво, подобривме неколку сегменти, покрај приемот имавме и подобро организиран напад, и Македонија израмни на 1-1 во сетови.
Но, потоа тесно го загубија третиот сет. Избраниците на Травица беа рамноправни до самиот крај, но попушти концентрацијата во најважните моменти, па Австрија славеше со 26-24.
Домашната селекција продолжи во ист ритам, па го комплетираше и четвртиот сет со 25-20, стигнувајќи до вториот триумф против Македонија во овој групен сегмент.
Сепак, ова се само мечеви за воигрување за македонските одбојкари, затоа што тие како домаќини сигурно ќе учествуваат на завршниот Ф4 турнир што се одржи во Скопје на 15 и 16 јуни. По четири одиграни натпревари, Македонија се наоѓа на третото место во групата со три освоени бода. Следниот меч на нашиот национален тим е в недела, кога сме домаќини на Летонија.
Во мечот од нашата група, Летонија беше доминантна против Косово на гости, славеше со 0-3 во сетови (21-25, 9-25, 20-25).
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА