Челси вчера го предаде триумфот на Манчестер сити без борба, додека избраниците на Пеп диригираа со топката на теренот, фудбалерите на актуелниот англиски шампион буквално стоеја на тревата и го чекаа последниот свиреж на судијата. Ниту по примениот гол немаше никаква реакција од клупата, Конте ги внесе Мората и Жиру при самиот крај на мечот и при тоа ниту еднаш не се заканија кон голот на Едерсон, Челси едноставно делуваше немоќно цели 90 минути на „Етихад“.
Колку „сините“ одиграа катастрофално против лидерот во Премиер – лигата најдобро опиша Еден Азар. Белгиецот по натпреварот истакна дека никогаш претходно не бил така изолиран за време на еден меч, и при тоа асоцирајќи дека никако не му одговара на неговиот стил позицијата која италијанскиот стратег му ја додели за оваа пресметка (Азар играше лажна деветка, улога која често ја добива оваа сезона).
„Кога го напуштате теренот по секој натпревар, обично се чувствувате уморен од трчање и константниот физички контакт со противниците. За жал, тоа јас не го почувствував на овој меч. Уште три часа да игравме на тој начин јас немаше да дојдам до топката. Се обидував да се борам со Отаменди и Лапорт, но тие се џинови кога би ги споредиле со мене. Полесно ќе беше ако на моето место играше Жиру или Мората при дуелите со дефанзивците на Сити. Игравме добро само во последните десетина минути, во моменти кога покажавме повеќе храброст да одиме напред, така требаше да играме цел натпревар“, истакна Азар.
Незадоволството на Азар веднаш ги алармираше светските фудбаслки медиуми. Тие веќе сметаат дека одлуката на Конте повторно да го игра на позицијата која не му прилега, како и стилот на игра под водство на италијанскиот стратег ја „прелеа чашата“ и веќе со сигурност ќе го напушти „Стемфорд бриџ“ по крајот на оваа сезона.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА