Азар: Морати и Галијани ме сакаа, а јас сонував само за Реал Мадрид

Поранешниот белгиски репрезентативец и член на Челси и Реал Мадрид, Еден Азар за италијанска „Газета“ призна дека можел да оди во Милан или Интер, уште од времето кога бил дел од Лил, меѓутоа потоа се пресели во Англија.

Азар рече дека сонот му бил да заигра за Реал Мадрид, и на крајот ја остварил таа цел, и покрај тоа што беше само бледа сенка во таборот на „кралевите“ откако пристигна од Челси како големо засилување и замена за Кристијано Роналдо.

„Искрено, никогаш не бев блиску до трансфер во Италија. Морати ми даваше комплименти, но мојот сон беше да играм во Англија и во Реал Мадрид и успеав да го остварам тоа. Ќе ви откријам тајна: како мал навивав за Милан и потоа го запознав Адријано Галијани. Тој рече дека добро ќе се вклопам во Милан на Силвио Берлускони, но никогаш не дадоа конкретна понуда“, рече Азар.

Тој изјави дека најдобриот тренер со кој работел е Жозе Мурињо, и смета дека Интер оваа сезона ќе го освои Скудетото предводен од младиот, но перпесктивен тренер Кристијан Киву.

„Интер е фаворит, но работите може да се сменат. Јувентус се опоравува, Наполи има квалитет. Кристијан Киву може да се снајде добро и во Лигата на шампионите. Две финалиња во последните три години не се случајност. Има силни тренери, квалитетни играчи, но фановите на стадионот во Милано ја прават разликата“, изјави Азар.

Се вчитува...