Азар погоди по 188 дена, Реал само до реми со Америка

Реал Мадрид се уште се мачи да влезе во посакуваната форма, откако „кралевите“ ремизираа 2-2 на пријателскиот меч против мексиканскиот прволигаш Америка. Добра вест за „кралевите“ е што меѓу стрелците се запиша и Еден Азар, кој погоди од пенал по пауза од дури 188 дена, откако на 20 јануари стрелаше прецизно на куп-дуелот со Елче.

Америка прва поведе со погодокот на Мартин во 5. минута. „Кралевите“ се консолидираа и израмнија со прекрасниот погодок на Бензема, кој камбекот на терените (го пропушти претходниот тест-дуел со Барселона) го одбележа со одличен удар од далечина што заврши во мрежата на Мексиканците.

Азар стрелаше прецизно во 54. минута од белата точка откако Лукас Васкез беше фаулиран во противничкиот шеснаесетник, но и тоа беше недоволно за триумф бидејќи противникот исто така доби пенал во 82. минута, што Фидалго го претвори во конечните 2-2.

Се вчитува...