Азер Омерагиќ: „Посакувавме победа, но несреќно ја испуштивме… Сега веднаш се фокусираме на Лозана“

Со два погодоци, по еден на двата натпревари, офанзивецот Азер Омерагиќ се издвои како еден од најдобрите вардарови поединци во првото европско коло на Вардар во Конференциската лига на УЕФА.

„Црвено-црните“ не успеаја да дојдат до триумф и на гостувањето во Сан Марино, ремизирајќи (2-2) со Ла Фиорита, но по онаа победа од 3-0 пред седум дена во Скопје сосема заслужено продолжуваат понатаму.

„Посакувавме победа и на овој натпревар. Дојдовме со отворени мисли за триумф и во Сан Марино, но таков е фудбалот, противникот искористи некои наши грешки и не ни дозволи да дојдеме до победа“ – ни изјави капитенот на Вардар, Азер Омерагиќ по вечерашниот дуел, притоа дополнувајќи:

„Во второто полувреме, како и во Скопје, влеговме далеку поагресивно на натпреварот и сето тоа резултираше со пресврт во резултатот. Како и на домашен терен, и сега бевме далеку подобри, но штета за тој несреќно примен гол во последните секунди од средбата, кој ни ја ‘украде’ победата. Во секој случај, го реализиравме зацртаниот план да ја минеме првата пречка во Европа, а сега фокусот следи на швајцарска Лозана која, секако, е далеку посериозен противник. Но, Вардар е Вардар, и без разлика кој е противникот од спротивната страна, ќе се подготвиме добро со желба за нови успешни настапи“.

Се вчитува...