Азербејџан со нов странец за мечот со Македонија

Македонската кошаркарска репрезентација во ноември ќе ги стартува претквалификациите за Евробаскет 2029 со домашен дуел против Азербејџан, меч на кој нашиот национален тим ќе ја има фаворитската улога.

Сепак, противникот реши да се мобилизира во пресрет на овој претквалификациски циклус, па Азербејџан реши да ангажира нов натурализиран кошаркар кој би помогнал во дуелите со Македонија, Ирска и со Луксембург.

Весли Дејвид ван Бек ја комплетираше процедурата за добивање државјанство и „кошаркарски пасош“, па овој кошаркар речиси сигурно ќе дебитира за Азербејџан на дуелот во Скопје против Македонија.

Станува збор за бек висок 193 сантиметри кој настапува за Тенерифе во Ендеса-лигата, но таму нема позначајна улога и во просек постигнува по пет поени по натпревар. Ван Бек до лани настапуваше во турскиот шампионат како член на Петкимспор (имаше просек од 14,8 поени по натпревар), а претходно во кариерата ги бранеше и боите на Кемниц во Бундес-лигата, како и на трофејниот естонски клуб Калев Крамо.

Се вчитува...