Жељко Бабиќ во неколку наврати повторува дека Лино Червар е неговиот ракометен учител, па затоа не е големо изненадување што двајцата хрватски стратези подготвуваат слични тактики при играта во напад на нивните селекции. Лино Червар не крие дека Македонија на СП во Франција во нападот ќе игра „седум на шест“, односно без голман на својот гол, а истата тактика ја подготвува и хрватскиот селектор, кому таа му вроди со плод на дел од натпреварите на Олимписките Игри во Рио де Жанеиро.
„Дефинитивно ќе играме во нападот без голман на нашиот гол. Таквата игра ни донесе успех на ОИ во Рио, бидејќи со неа ги совладавме Франција и Данска, две селекции кои потоа играа во големото финале. Моето размислување е дека Хрватска со напад со седум играчи може да стигне до златен медал во Франција. Со шест не може“ – истакна Бабиќ во разговор за весникот „Вечерњи лист“.
Пласманот во следната фаза нема да претставува никаков проблем за „коцкестите“, кои за ривали во групата ги имаат Германија, Белорусија, Унгарија, Саудиска Арабија и Чиле.
„Пласманот во следната фаза не смее да биде доведен во прашање, а ни одговара и распоредот, бидејќи најпрвин ќе играме со селекциите кои реално се послаби од нас, за во последното коло да се сретнеме со Германија. Сепак, вистинските тестови почнуваат со осминафиналето и четвртфиналето, тоа е она за што ќе се подготвуваме и ќе ја темпираме формата“ – вели кормиларот на хрватскиот национален тим.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА