Пелистер вечерва во Битола ќе го пречека словенечкиот Тримо Требње. Битолчани се надеваат на прв триумф сезонава во Лигата на Европа, а тренерот на тимот Жељко Бабиќ вели дека овој меч ќе биде вистински тест и за него и за ракометарите.
„Направивме добра анализа на натпреварот во Словенија, го вративме победничкиот менталитет и верувам дека оваа ситуација е одлична за цел тим и за цел клуб. Стресот ни е неопходен и ова ќе биде тест за мене и за целата екипа. Треба да видиме дали може да играме против стресот и притисокот и да го добиеме овој натпревар. Овој дуел доаѓа во вистинско време и длабоко верувам во овој тим и во неговите квалитети. Во Словенија не го покажавме нашето право лице. Постојат и причини за тоа, но нема потреба да се навраќаме на тоа. Имаме стрес, притисок и јас се радувам на натпреварот“, вели Бабиќ.
Бабиќ додава дека негова одговорност е поразот во Љубљана. Тој вели дека за овој меч ќе ја промени стратегијата и се надева дека тоа ќе вроди со плод.
„Моја одговорност е натпреварот во Љубљана. Морам да поработам на психолошки план, да можеме да играме 60 минути на високо ниво. Евидентно беше дека сме под притисок, бидејќи имавме одлични акции кои не ги реализиравме, а и во одбрана не одбранивме многу напади. Но, тоа во спортот се случува. Најважно е што ние имаме квалитет, па ако добро се тренира и ако тимот е заедно, треба да бидеме трпеливи и резултатите ќе дојдат. Можеби овој натпревар доаѓа во ситуација која за нас не е најдобра, но од проблемите се раѓаат можности. Малку ќе ја променам стратегијата и верувам дека тоа на крај ќе вроди со плод“, завршува Бабиќ.
Натпреварот во арената „Боро Чурлевски“ во Битола е закажан за вечерва од 20:45 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА