Ракометарите на Еурофарм Пелистер им се враќаат на обврските во второто по ранг европско натпреварување, Лигата на Европа. Прв противник во европската лига во 2022 година „пелистерци“ ќе го имаат во името на францускиот Ним на кој му гостуваат утре.
Тренерот на битолскиот тим Жељко Бабиќ вели дека добредојдени биле натпреварите кои ги играле во претходниот период и дека тоа ќе им помогне многу во мечот против францускиот прволигаш.
„Сигурно дека добродојдени беа натпревари кои ги игравме месецов. Еден од проблемите е што не бевме комплетни и не можевме да вежбаме што подготвивме. Сепак, во секој случај добро е што игравме и тоа ќе ни помогне против Ним. Тие се физички јака екипа, играат многу „еден на еден“ и многу трчаат. Впрочем, играат француско првенство, кое има свои карактеристики. Ние можеби го одигравме најлошиот натпревар против нив во првиот дел на Европската лига. Имаа изразито расположен голман, кој ни даде и три гола, и собра десет одбрани во првиот дел. Со една таква моќна екипа ние немавме шанси. Мислам дека ќе биде овојпат поинаку. Ние сме ментално многу цврсти, подготвени и имаме наши шанси. Сепак, мора да бидеме спремни да играме шеесет минути, да бидеме тактички дисциплинирани, фокусирани на задачите, да бидеме цврсти во дуелите и да не заборавиме кои се нивните карактеристики. Сакаме и верувам дека можеме да извлечеме позитивен резултат. Ним е многу цврста екипа, игра „еден на еден“ и во одбрана и во напад. Имаат одлична транзиција, контра од страна на десното крило и одличен голман, кој форсира контранапади. Лесно нè победија во Битола, но потоа се мачеа во групата. Но, тоа се случува кога противниците престанаа да играат кога тие поведоа со 4-5 разлика. Моите играчи знаат дека многу важно е да продолжат да играат ако се случи резултатски пад. Резултатски пад е дозволен, но ментален и тактички пад не смее да ни се случи. Оние кои тоа го задржаа, тој ритам на играње, тие на крајот го стигнаа Ним и играа тесни натпревари до крајот“, вели Бабиќ.
Тој дополнува дека и покрај одличната бодовна залиха, тој не размислува за тоа што било во првиот дел од сезоната туку е насочен кон следните мечеви…
Тоа што имаме добра залиха, не е плус за екипата. Добро е за клубот и за нашата иднина, но екипата поинаку размислува. Во потсвеста екипата знае дека направи голем дел од работата, но тоа не смее да биде крај. Јас имам обврска да ги натерам да размислуваат за следниот натпревар, а не она што се случувало во минатото. Врвниот спортист не размислува што било пред три или пет дена, фокусиран и ангажиран е да го победи следниот натпревар. Ние тоа го покажавме, еве веќе четири месеци сме без пораз. Еурофарм Пелистер ментално е цврст, со силен фокус, и без разлика на постигнатото, ние имаме уште многу да играме. Треба да играме за титули и да оствариме добра позиција во групата, па потоа до каде што ќе стигнеме. Добро е што остваривме големи работи во Европската лига, но сега треба да играме за тоа за што дојдевме. А тоа е да освоиме уште некој трофеј, или можеби два, и да стигнеме што е можно подалеку во Европската лига, бидејќи имаме добра шанса за тоа“, заврши Бабиќ.
Натпреварот меѓу Ним и Еурофарм Пелистер како дел од 7. коло од Лигата на Европа на програмата е утре со почеток во 18.45 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА