Битолски Пелистер утре ќе го пречека швајцарскиот Кадетен Шафхаузен во вториот натпревар од новото натпреварување на ЕХФ, Лигата на Европа. Тренерот Бабиќ и покрај големите проблеми кои ги има верува дека со голема желба и силен карактер ќе успеат да стигнат до посакуваната победа.
„Тешко е да се говори каква е состојбата во тимот. Сите ракометари се вратија од ЕХФ неделата, имаа обврски со репрезентациите. Доста ракометари беа заразени со коронавирус и не можеа да тренираат. Се собравме пред три дена одработивме неколку тренинзи и секако се обидовме во тој краток период да се подготвиме што можеме повеќе и што подобро да ја анализираме екипата на Кадетен да ја дочекаме колку можеме подобро. Верувам дека со нашиот карактер и желба ќе надоместиме тоа што не можевме да тренираме повеќе. Кадетен е една цврстра екипа која има многу добар противнапад. На тоа мораме да внимаваме и најважно е да бидеме стрпливи во напад бидејќи тие играат многу силна и цврста одбрана“, изјави Бабиќ.
Натпреварот меѓу Еурофарм Пелистер и Кадетен Шафхаузен ќе се игра утре во салата „Боро Чурлевски“ во Битола со почеток во 18:45 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА