Екипата на Еурофарм Пелистер се подготвува за европското деби сезонава, утрешниот домашен натпревар против францускиот прволигаш Ним.
Тренерот Жељко Бабиќ е свесен за тежината на предизвикот, но хрватскиот стратег се надева дека неговите избраници ќе дојдат до позитивен резултат бодрени од навивачите во салата „Боро Чурлевски“.
„Сигурно дека поддршката од трибините ќе биде многу значајна за нас. Се сеќавам на тој меч со Нексе кога се играше во Битола пред полни трибини, сите ние сме желни да играме пред таква енергија од трибините. Спортот се игра за публиката, радосен сум што ќе играме во полна сала и се надевам дека ќе имаме причина на крајот заедно да се радуваме“, истакна Бабиќ.
Стратеггот на битолчани имаше само позитивни зборови за утрешниот противник.
„Францускиот ракомет е во развој со години наназад, имаат врвни играчи и на репрезентативен и на клупски план. Пред нас е тежок меч во кој мораме да бидеме максимално фокусирани од почеток до крај. Ним е тим што игра класичен француски ракомет, многу цврста во одбраната и брза во нападот. Во одбраната комбинираат 6-0 и 5-1, во последно време се почесто инсистираат на 5-1 иако тоа не им беше заштитен знак во минатото. Многу често знаат да истрчаат и брз центар и особено се опасни во транзицијата преку десното крило и десниот бек. Очекувам многу контакт, многу трчање и голема борба, мораме да бидеме подготвени на многу поинаква игра од она на што навикнавме досега“, вели Жељко Бабиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА