Повеќе од позитивно расположение демонстрираа младите македонски репрезентативци на денешната дружба на тренинг комплексот на ФФМ со бројни свои млади поддржувачи, симпатизери, навивачи…
Не е тајна дека во еден глас сите членови на, како што веќе многумина милуваат да ја наречат, „херојската наша фудбалска генерација“, највуваат нови идни радости за сите нас од нив демонстрирани на фудбалските терени.
„Кога ќе ја почувствувате енергијата која ни ја носат навивачите на овие дружби добивате огромен мотив уште подобро во иднина да ја практикувате фудбалската игра и да се обидете да дојдете до нови успеси. Оваа година со овој собир ги почнуваме активностите за настап на ЕП во Полска иако многу од нас ќе бидат на располагање и на сениорската репрезентација за квалификацискиот натпревар со Лихтештајн. Но, тоа што со сигурност знам дека од срце и со максимален ангажман ќе играме во Полска во желба за нови позитивни резултати. Во Полска ќе докажеме како се сака Македонија на вистинскиот начин и како се игра за националниот дрес“ – истакна на денешниот собир еден од најдобрите наши репрезентативци, Давид Бабунски.
Безусловно на неговото размислување се надополнува и Бесир Демири, кој вели дека начинот на кој живее младата репрезентација – како едно семејство, ветува позитивна иднина за македонскиот фудбал.
„Од самиот почеток во оваа репрезентација сите живееме како едно големо семејство. За тоа огромна заслуга има и селекторот Благоја Милевски, и тоа може да кажам е тајната на нашиот успех. Сите до еден сме како еден на теренот. Така ќе биде и во Полска затоа што сите заедно веруваме дека Македонија може до уште подобри резултати. И овие навивачи кои сега со нас ни даваат дополнителна сила во Полска повторно да го дадеме најдоброто од себе“ – вели Демири.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА