Бабунски се збогуваше со Ботев Враца, следи промоција во Рапид Виена или Дебрецин!?

Бугарскиот Ботев Враца и официјално се збогуваше со македонскиот напаѓач Доријан Бабунски најавувајќи го трансферот на македонскиот репрезентативец. Бабунски претходно ги одби понудите на ЦСКА Софија, Левски и ЦСКА 1948 сега одлучувајќи меѓу Рапид Виена и унгарски Дебрецин каде би се придружил на својот брат Давид.

Тимот од Виена, според бугарските медиуми, се согласил да ги плати бараните 100.000 евра од Ботев Враца за да го ангажира 25-годишниот македонски напаѓач. Според бугарските медиуми, Бабунски во Рапид Виена би заработувал од 15 до 20.000 евра месечна плата, што е огромен скок во однос на заработката од 2.000 евра месечна плата во Ботев Враца. Но, сериозна понуда има и од Дебрецин, па наредниве денови ќе се види во кој дрес ќе биде промовиран.

Бугарскиот тим денеска и преку социјалните мрежи се заблагодари на Доријан Бабунски за досегашната соработка, посакувајќи му многу успех во идната кариера.

„Реализиравме трансфер можеби скромен за европските стандарди но за нас многу значаен како клуб. Кога Доријан дојде кај нас некои се потсмеваа на нулите зад неговата статистика, некои не критикуваа и се потсмеваа на неговата биографија. Но, на крај сите го скандираа неговото име. Се надеваме дека Бабунски и натаму ќе ја чувствува Враца како свој фудбалски дом“ – се вели меѓу другото во пораката од бугарскиот тим.

Се вчитува...