Растеа заедно и тренираа во младинската школа на Барселона, позната „Ла Масија“. Потоа играа заедно и за Б-тимот на Барса, а во периодот кога Пеп Гвардиола беше тренер на „Камп Ноу“, често знаеше да ги повика и да тренираат заедно со Меси, Чави, Иниеста…
Давид Бабунски и Жерар Делофеу се одлични другари, додека беа во Барселона важеа и за неразделни, но вечерва (20.45 часот) ќе играат еден против друг, едниот во дресот на Македонија, а другиот за селекцијата на Шпанија.
„Ние сме одлични другари со Делофеу. Додека бевме заедно во Барселона, бевме постојано заедно, може да се каже и речиси неразделни. Тој доаѓаше во мојот дом, јас одев кај него на гости. И денеска сме супер пријатели, одржуваме контакт, иако јас сум во Јапонија, а тој беше во Италија, претходно и во Англија. Но, вечерва нема другарство, ќе го оставиме на страна, додека трае натпреварот. Јас ќе дадам се од себе за да победи Македонија, а тој ќе игра за репрезентацијата на Шпанија. По мечот, повторно ќе бидеме другари, и нека победи подобриот“, вели Давид Бабунски.
Фудбалската репрезентација на Македонија до 21 година вечерва ќе го игра првиот, историски, натпревар на Европско првенство. Ривал е силната Шпанија, како дел од првото коло во групата Б на ЕП во Полска.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА