Бабунски: Веќе не сме во позиција да потценуваме ниту еден противник

Македонската фудбалска репрезентација денеска лета за Фарските Острови, каде в сабота на гостински терен ќе го стартува својот настап во новата издание од Лигата на Нации.

Барем на хартија Македонија важи за фаворит, но плејмејкерот Давид Бабунски гласно предупреди дека тоа нема да значи ништо кога ќе се излезе на терен в сабота сопочеток во 15 часот.

„Тоа што се случувало во минатото треба да ни служи да извлечеме лекции, да научиме од сè што се случувало за да напредуваме. Како екипа мислам дека не сме во позиција да потценуваме ниту еден противник, особено во денешниот фудбал кога сите се подготвени. Ќе мора да ги запазиме основните принципи во играта за трка, одговорност и тактичка дисциплина. Се надеваме дека доколку тоа успееме да го исполниме, нашиот квалитет ќе ни овозможи да направиме разлика и да победиме“, истакна Давид Бабунски.

Бабунски летово се пресели во шкотската Премиер-лига во дресот на Данди јунајтед, каде одлично ја стартуваше сезоната, по што следеше и нов повик од селекторот Милевски.

„Се чувствувам многу добро, среќен сум во новата средина во Данди. Имам континуитет и чувствувам дека сум во форма. Тука сум да се ставам во функција на тимот во било која улога селекторот ќе мисли дека можам да помогнам. Физички сме поподготвени бидејќи доаѓаме од припремен дел, по првите натпревари во сезоната. Не би требало да имаме проблем од тој аспект“, изјави Бабунски.

Се вчитува...