Бадел го одбрани домашниот терен и поведе во финалето против Баскет Кам

Бадел 1862 ја оправда фаворитската улога во финалето на Првата женска кошаркарска лига откако на домашен терен славеше против Баскет Кам со  73-56. „Баделки“ по воведниот грч успеаја да го наметнат своето темпо и во продолжението од средбата стигнаа до комотна предност која на ја испуштија и покрај налетот на гостите од Македонска Каменица во последната четвртина.

Отварањето на натпреварот им припадна на кошаркарките на Баскет Кам кои благодарение на подобрата реализација осум минута ја имаа предноста во свои раце, но постигнаа само два поени во последните две и пол минути на првата четвртина, а тоа знаеја да го искорситат искусните „баделки“ кои со серија од 8-2 поведоа со 16-15 по 10. минути игра. Изедначениот ритам продолжи и во поголемиот дел од првата четвртина, но финишот повторно му припадна на домашниот тим за предност од 32-27 пред „големиот одмор“.

По него Бадел продолжи во исто темпо, го најде решението во нападот, а ја зацврсти и одбрната па го доби третиот дел од мечот со 22-13 за предност од 54-40 пред последните десет минути. Во нив гостите успеаја да се приближат до 60-53, но немаа сили за целосен камбек и сведување на натпреварот во неизвесна завршница.

Кметовска и Стојановска беа предводнички на Бадел со 23 и 21 постигнат поен, додека Трајчевска додаде дабл-дабл од 11 поени и 11 скока. За Баскет Кам 12 поени постигна Тасевска која додаде и 6 скока, додека со по 11 поени мечот го завршија Пуљизовиќ и Поп-Димитровска.

Се вчитува...