Баер Леверкузен продолжи онаму каде што застана минатата сезона на германската фудбалска сцена откако избраниците на Чаби Алонсо по титулата и Купот на Германија, вечерва се закитија и со трофејот во Супер-купот, откако во драматичен дуел славеа над Штутгарт по подобро изведување на пеналите. „Фармацевтите“ повторно покажаа неверојатен карактер, успевајќи да се вратат од негатива иако имаа фудбалер помалку на теренот речиси 60 минути, за потоа во пенал-рулетот да стигнат до пехарот.
Мечот на „Бај Арена“ почна одлично за Баер, откако Бонифејс во раната фаза му донесе предност на својот тим. Ундав неколку минути подоцна израмни на Штутгарт, а проблемите за Чаби Алонсо се зголемија кога Терие доби директен црвен картон. Ундав со својот втор гол го донесе Штутгарт во водство во второто полувреме, но како и многу пати во текот на ланската сезона, Баер воскресна кога многумина мислеа дека шампионот нема сили за нов камбек.
„Фармацевтите“ и со играч помалку тргнаа во финална офанзива, а Патрик Шик беше херојот што го постигна израмнувачкиот погодок за 2-2. Полни со самодоверба, домаќините ги погодија четирите пенали што ги изведоа, додека кај Штутгарт непрецизни беа Крациг и Силас, па Баер успеа да се закити со нов трофеј.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА