Флоријан Вирц е еден од најзаслужните за неверојатната сезона на Баер Леверкузен во која „фармацевтите“ стигнаа до првата титула во Бундес-лигата, а се наоѓаат и во финалето од Купот на Германија и во четвртфиналето од Лигата на Европа.
Германскиот репрезентативец веќе има 17 гола и 18 асистенции зад своето име, неговата вредност на пазарот вртоглаво расте, а клубови како Баерн, Ливерпул и Манчестер Сити се интересираат да го доведат во своите редови. Вирц би сакал да остане уште една година во Баер, клубот е пресреќен да го задржи, но ситуацијата би можела да се промени ако стигне „луда понуда“ во Леверкузен.
Извршниот директор на Баер, Фернандо Каро, во интервју за „Радио Марка“ ја обелодени цената за која новиот германски првак би можел да се раздели од својот најдобар фудбалер.
„Ние имаме два пати помал буџет од Борусија Дортмунд, четири или пет пати од Баерн Минхен. Немаме дополнителни приходи и спонзорства, па мораме да се финансираме од продажба на некој од поквалитетните фудбалери. Флоријан Вирц е нашиот лидер на теренот, но веќе кажав – нема недопирливи. Ако некој понуди 150 милиони евра или повеќе за Вирц, ќе треба добро да размислиме“, изјави Каро.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА