Баер Леверкузен го осигура Брант до 2021 година

Офанзивецот на Баер Леверкузен, Џулијан Брандт, потпиша нов двегодишен договор со бундеслигашот. Германскиот репрезентативец ќе остане во редовите на „фармацевтите“ до 2021 година, ставајќи крај на сите шпекулации околу неговата иднина.

21-годишниот крилен фудбалер беше цел на неколку европски гиганти, Баерн Минхен и Борусија Дортмунд, пред се се бореа за младата германска ѕвезда, но негова желба отсекогаш беше да потпише нов договор со својот матичен клуб. Брант иако млад добива голема доверба од клубот и е еден од најстандардните играчи. Со добрите настапи заслужи и повик во репрезентацијата на Германија, со која го освои Купот на Конфедерации изминатово лето, а големи се шансите да се најде и на финалниот список на играчи кај Јоаким Лев кои ќе патуваат за Русија за мундијалот.

„Ова е мојот дом, сакам да играм за Баер Леверкузен уште долго време. Морам да признам дека врз мојата одлука влијаеја и новите договори на Џонатан Тах и Ларс Бендер. Клубот очигледно има план за во иднина со кој би бил остварен поголем успех. Градиме добар тим, мислам дека ќе можеме да се бориме и за шампионската титула“, истакна Брант.

Германецот сезонава настапи на вкупно 32 натпревари на кои постигна девет погодоци и шест асистенции, додека за „панцирите“ засега има одиграно 14 меча.

 

Се вчитува...